Бизнис
21. February 2018 - 14:16

ССК: Македонија и Турција имаат голем потенцијал за туристичка соработка

Успешна туристичка размена меѓу Македонија и Турција како и подигнување на повисоко ниво од сегашното е наша заедничка цел, порача денеска  претседателот на Туристичко угостителската комора во ССК Аркан Керим на туристичката промоција на Турција во организација на Асоцијацијата на туристички агенции и туроператори (ТУРСАБ) од Истанбул, „Туркиш Ерлајнс“ и Туристичко – угостителската комора (ТУК) при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК).

- Традиционалното македонско–турското пријателство, заедничките вредности и интереси како и близината се одлична можност за зацврстување на воспоставените релации. Македонците во Турција најчесто ги посетуваат приморски дестинации особено Анталија, Кемер, Белег, Сиде, Аланија потоа Мармарис, Бодрум, Фетије, Кушадаси, Чешме кои нудат одличен одмор и забава, Кападокија и други егзотични археолошки локалитети и секако Истанбул мостот меѓу Европа и Азија, појасни Керим.

Според него, потенцијал за зголемување на соработката лоцирана е и во некомерцијалните и неистражени уникатни предели во Турција за домашните но и за туристите од регионот.

Директорката за корпоративни врски ТУРСАБ, Истанбул, Ела Атакан ја нагласи одличната соработка со посебен акцент на збогатување на понудите за туристите од нашата земја.

Делегацијата на реномирани инкаминг агенции од Турција и компании членови на ТУК, имаа можност за вмрежување, остварување Б2Б средби и учество во работилница за зголемување на соработка во секторот туризам. Во пресрет на претстојната сезона 2018/19, ТУРСАБ во соработка со „Туркиш Ерлајнс“ и компаниите членови на ТУК ќе овозможат специјални пакети со досега најповолни услови за македонските туристи во насока на зголемување на туристичката понуда и атрактивност.