Бизнис
15. May 2017 - 11:32

ССК ќе промовира заживување на трговската рута „Пат на свилата“

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) ќе работи на промовирање на кинескиот мега проект „Еден појас, еден пат" за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток.

Со договорот за промоција во рамки на членството во Silk Road Chamber of International Commerce (SRCIC), што беше претставен денеска на маргините на дводневниот Меѓународен форум „Еден појас, еден пат", што се одржува во Пекинг и официјално се отвораат нови можности за македонските компании преку ССК за учество во транснационалното поврзување, како и унапредување на трговската и инвестициската соработка. ССК и SRCIC ќе работат на просперитет на своите членови, нудејќи им можности за трговија и инвестиции.

- ССК негува одлични релации со НР Кина, а соработката со SRCIC во која здружено делуваат 30 комори е уште една потврда за нашите успешни заложби за зголемување на можностите на приватниот сектор во Република Македонија и нивно активно вклучување во најавената иницијатива на кинескиот претседател Си Џинпинг „Еден појас, еден пат“ за заживување на трговската рута „Пат на свилата“, кој прв пат беше претставен во 2013 година, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Патот на свилата, додаде, поврзува континенти, исток со запад, и отвора можности за размена меѓу нациите.

- Нашата земја се наоѓа долж трасата на стариот „Пат на свилата" и е една од првите во Процесот 16+1, меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, која уште тогаш ги препознава можностите и придобивките од оваа Иницијатива како мост за поврзување на континентите, потенцира Арсовска.

Кинеската иницијатива има за цел поврзување нации преку инфраструктура. За реализација на таа иницијатива од 2014 до 2016 година Кина инвестира 50 милијарди долари и отвори преку 180.000 нови работни места. Форумот се заснова на стратегија што кинескиот претседател ја покрена во 2013 година со цел создавање инфраструктура и поблиски односи на државите од Евроазија долж новиот Пат на свилата – коридор за испорака на стоки од истокот.

Кинескиот претседател вети 124 милијарди долари за иницијативата која има за цел да ја поврзе Кина со Африка, Азија и Европа преку мрежа пристаништа, пруги, патишта и индустриски зони. На форумот учествува и рускиот претседател Владимир Путин како и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и претставници од повеќе од 100 држави.

Во изминатите три години ССК активно работи на зголемување на бизнис соработката со НР Кина, учествува на најголемите Саеми, а претседателот на ССК, Арсовска, потпиша и меморандум за соработка со All-China Federation of Industry and Commerce (ACFIC), најмоќната организација во оваа земја, која има над 4 милиони членови со што за македонските компании се отвори пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар. Со потпишувањето на овој договор се овозможи зголемување на извозот и промоција на извозно ориентирани компании во Кина, како и полесен пристап на потенцијалните кинески компании кои својот интерес за инвестирање го гледаат во Република Македонија. Исто така, ССК има потпишано меморандум и со China International Chamber of Commerce for the Private Sector (CICCPS).