Балкан
26. July 2020 - 15:14

Српски инфектолог: Цела Србија е жариште, а колективен имунитет не е решение

Српскиот инфектолог Мијомир Пелемиш изјави дека стекнувањето колективен имунитет не е решение, туку решението го гледа во вакцина доколку, како што рече, коронавирусот не исчезне сам од себе.

Пелемиш, кој е член на Кризниот штаб на Владата на Србија за сузбивање на заразната болест Ковид-19, за телевизијата Прва изјави дека стекнувањето колективен имунитет е ризик, посочувајќи дека не е можно да се процени како ќе се манифестира вирусот кај секој поединец.

Според него, не е можно да се утврди колку време вирусот останува во телото откако некое лице е изложено на новиот коронавирус.

Говорејќи за почитување на актуелните мерки и препораки, Пелемиш изјави дека мерките сè уште не се почитуваат доволно, но дека граѓаните стануваат се повеќе дисциплинирани.

– Србија е целосно жариште, не знаеме кој го има вирусот, а кој не. Ние би го знаеле тоа доколку ги тестираме сите жители на Србија, но тоа е невозможно, рече инфектологот, додавајќи дека вирусот е присутен, особено во затворен простор.

Тој посочи дека коронавирусот е присутен на секое место во Србија и дека граѓаните треба да го спречат ширењето на болеста со почитување на сите мерки и препораки на Републичкиот кризен штаб.