Балкан
24. April 2017 - 9:42

Српската војска добива белгиски пушки, пишува белградска „Политика“

Припадниците на Војската на Србија наскоро ќе бидат опремени со најсовремени автоматски пушки од белгиско производство, потврди Министерството за одбрана на Србија за белградска „Политика“.

Станува збор за пушките „СКАР-Л“, развиени за потребите на специјалните единици, произведени од славната фабрика „ФН Херштал“.

Од српското Министерство за одбрана не даваат прецизен одговор кои единици ќе бидат опремени со овие пушки, туку во дописот до „Политика“ наведуваат дека Војската на Србија „во планот за развој и опремување планирала опремување на одредени единици и сили наменети за извршување посебни задачи“.

Упатените сметаат дека станува збор за „Проектот 1.500“ , како што во медиумите е наречен јавно најавениот план за опремување на 1.500 војници со најсовремена опрема и вооружување.

За разлика од повеќето пушки што се користат од армиите ширум светот, „СКАР-Л“ е пушка на 21. век.

Нејзиниот развој е инициран во 2004 година кога командата на специјалните сили на американската војска го објави повикот за набавка на нова пушка.

Белгиските конструктори ја создадоа „СКАР-Л“ што извонредно се покажа на тестовите, па фабриката „ФХ Херштал“ ја доби престижната работа на опремување на американските специјалци.

Оваа пушка го користи стандардниот НАТО куршум од 5,56 милиметри, има преклопен и по должина прилагодлив кундак. На неа е можно вградување различни дневни, ноќни и ласерски нишани, батериска лампа и фрлач на гранати, што значително ја зголемува нејзината огнена моќ.