Македонија
13. November 2019 - 15:49

Српската опозиција со различни ставови за „Малиот Шенген“ и договореното во Охрид

Српската опозиција има различни ставови за идејата за „Мал Шенген“ и за договореното на состанокот на премиерот Зоран Заев со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама во Охрид.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Демократската партија (ДС) е со став дека овој договор е во интерес на сите во регионот, додека Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Двери на Бошко Обрадовиќ и Глас на Никола Самарџиќ со неодобрување гледаат на идејата.

За разлика од нив, најголемиот опозициски блок, Сојузот за Србија (СзС) се уште нема јасен став за иницијативата, како и Партијата на слободата и правдата (ССП) на Драган Ѓилас, која досега се нема огласено за ова прашање.

Како што пишува весникот „Данас“, во СзС „се поделени мислењата, од оние кои сметаат дека овој договор е катастрофален, до оние кои мислат дека треба да се почека со изјаснувањето за темата, кога ќе стане појасно што размислуваат Западот и Истокот за иницијативата, односно кој стои зад оваа приказна, Русија, Турција, дел од Западот или некој друг“.

Политичкиот клуб Глас, основан од Никола Самарџиќ, е на став дека со ова Србија „наместо да влезе во Шенген зоната, влегува во зона на самракот“.

– „Малиот Шенген“ е остварување на интересите на Русија на Путин во Втората студена војна против ЕУ. Вучиќ вчера се ракуваше со Рама, а денеска ја продолжува својата кампања против целиот албански народ. Вучиќ денеска се среќава со Макрон, а вчера доби поддршка од Путин за секоја коалиција, дома и во странство, со неонацисти и неосталинисти. Ако Брисел е задоволен од сегашната претпоставка дека Албанија и Северна Македонија не заслужуваат европска интеграција, а Вучиќ работи на уништување на нивните европски капацитети, реконструкцијата на Советскиот Сојуз ќе продолжи внатре во Шенген зоната. Таа зона ќе настане по влегувањето во Шенген на Романија, Бугарија и Хрватска, на што им се честитаме како наши соседи и пријатели, се вели во соопштението на Глас.

Претседателот на ДС, Зоран Лутовац, изјави за „Данас“ дека меѓусебното поврзување, слободното движење на луѓе, стоки и капитал е во интерес на сите во регионот.

– Проблемот е во тоа што на луѓето кои треба ова да го спроведат во живот не им се верува, бидејќи тие водат политика на конфликт и поделба, оцени Лутовац.

Претседателот Двери Бошко Обрадовиќ, пак, кратко одговори: „Мал Шенген – Голема Албанија“.

Она што предизвика најголема реакција во дел од опозицијата е изјавата на српскиот претседател Вучиќ дека спроведувањето на планот „ќе им олесни на албанските производители на домати да извезуваат полесно производи кои се лесно расипливи, да заработат пари и да планираат ново производство“.

Реагираше и потпретседателот на НС, Мирослав Алексиќ, кој смета дека ова е скандалозно и срамно. Тој изјави дека е сосема јасно дека надворешната политика на Вучиќ е во функција на неговата пропаганда, наместо во интерес на Србија и нејзините граѓани, додавајќи дека искуството покажало оти сè што најавил Вучиќ досега како голема корист за Србија, завршило сосема спротивно, главно на штета на Србија.

– „Малиот Шенген“ сигурно ќе донесе многу поголема корист за Албанија и Македонија, затоа што ние, пред сè, сме поголеми пазари од нив, особено ако се земе предвид дека тие со години инвестираат во производство што може да биде конкурентно на српските производители, како што е земјоделството и преработувачката индустрија. Ние како држава мора да бидеме отворени и да бараме нови пазари, но клучен проблем е што овој режим не и помага на домашната индустрија да ја зголеми својата конкурентност, туку се повеќе ја гуши, така што честопати не можеме да бидеме конкурентни ниту на домашниот пазар, истакна Алексиќ.