Балкан
22. April 2021 - 13:11

Српската опозиција со афера за Палма за подведување на малолетнички

Српската опозиција актуелизираше нова афера против властите, овојпат против Драган Марковиќ Палма, лидер на владината коалициона партија Единствена Србија и поранешен повеќегодишен градоначалник на Јагодина, за случаи на подведување на малолетнички, јави дописникот на МИА од Белград.

Аферата започна во понеделникот кога потпретседателката на Партијата за слобода и правда (ССП), Мариника Тепиќ, на прес-конференција покажа видео за кое изјави дека е сведоштво на лице од Јагодина, кое наводно присуствувало на „подведување“ на девојчиња и жени во тој град.

-Денеска знам дека подведувањето жени и девојчиња е секојдневна работа во Јагодина, каде владее Драган Марковиќ Палма, изјави Тепиќ додавајќи дека „ова трае веќе 10 години, но никој досега не смееше да зборува “.

Порталот Нова.рс објави видео во кое поранешен вработен во хотел во Кончарево, кој сакаше да остане анонимен, зборува за подведување во Јагодина на жени и малолетни девојчиња на возраст од 15 години.

Обвинителството во Јагодина, на иницијатива на Драган Марковиќ Палма и давањето изјава за овие обвинувања, вчера поведе постапка во случајот на подведување на малолетни лица и на полицијата и наложи да ги испита сите лица споменати во овој контекст, по што обвинителството ќе преземе следни чекори.

Дебата за овој случај се отвори и во српското Собрание, во кое Драган Марковиќ Палма најави дека 400 жени од Јагодина ќе ја тужат Мариника Тепиќ за изнесување лаги.

Мариника Тепиќ денеска на телевизијата „Н1“ изјави дека е подготвена заедно со лидерот на ССП, Драган Ѓилас, да одговара доколку наводите за подведување на малолетнички на забавите на Палма во Јагодина не се точни, но дека се е вистина и дека има повеќе сведоци во земјата и странство кои можат тоа да го потврдат.

-Шемата е секогаш иста. Прослава на нешто, со естрадни личности како Цеца, Лукас, Ѓани, бидејќи тие се мамка за студентите и помладите. После тоа, околу полноќ, на сцената настапуваат анимир дамите. Тие патуваат со таа делегација, некои се од Јагодина, а некои работат и во јавни претпријатија. Има и некои од околните села, и тие се координирани од секретарките на Палма, е изјава на сведок што го прочита Тепиќ, кој кажа дека ова е училишен пример за елитна проституција.

Денеска реагирше и лидерот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац кој оцени дека случајот со наводното подведување на малолетни лица од страна на претседателот на Единствена Србија, Драган Марковиќ Палма, не треба да остане без епилог.

Тој оцени дека Србија е „тенџере што врие“ и дека се поставува прашањето што ќе доведе до тоа кога од садот ќе почне да се прелива.

-Подведувањето малолетни лица е еден од скандалите што може тоа да го предизвикаат. Некои работи едноставно не можат да се простат. И тоа воопшто не е прашање на политичка ориентација и партиска припадност, изјави Лутовац за “Данас”.