Балкан
17. March 2018 - 19:09

„Српска листа“ нема да гласа за демаркација на косовско-црногорската граница

 Пратениците на „Српска листа“ го потврдија ставот дека нема да гласаат за демаркација на косовско-црногорската граница.

Косовскиот вицепремиер и министер за враќање и заедниците, Далибор Јевтиќ, кој е од редовите на оваа партија, истакна дека ставот околу ова прашање е јасен.

- Ние кажавме дека „Српска листа“ ова прашање не ја интересира и тоа им го презентиравме на коалициските партнери. „Српска листа“ зазеде став и не го менува, а тоа е дека нема да гласаме за демаркацијата со Црна Гора, изјави Јевтиќ за Радио телевизија Србија.

Тој истовремено упати критики поради се уште неформираната Заедница на српски општини. Смета дека формирањето на ЗСО е прашање на политичка храброст и волја и додаде дека за нејзино формирање потребен е мал чекор, кој никој не сака да го направи.

- Потребен е мал чекор, кој никој не сака да го направи. Присуствував речиси на сите средби со странските дипломати кои престојуваа во Косово. На средбата со помошникот на амерканскиот државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел добив надеж дека нешто ќе се смени во овој аспект, вели Јевтиќ.

Косовскиот парламент по трите неуспешни, во вторник ќе има четврти обид да биде ратификуван договорот за демаркација на границата, што е услов за визна либерализација.

За изгласување потребни се 80 гласови, од вкупно 120 колку што има пратеници Парламентот. Откако пратеничката Доника Кадај-Бујути од „Самоопределување“ се врати во нејзината стара партија Алијанса за иднината на Косово на премиерот Харадинај, владејачкото мнозинство тврди дека има 79 гласови.