Македонија
22. July 2016 - 16:04

Срѓан Керим влезе во потесниот круг за избор на нов генерален секретар на Обединетите нации

Поранешниот министер за надворешни работи на Република Македонија и поранешен претседавач со Генералното Собрание на Обединетите нации, Срѓан Керим, се најде на третата позиција по првиот круг од тајното гласање на 15-те членки на Советот за безбедност за нов Генерален секретар на Обединетите нации.

Керим, по бројот на гласови е веднаш зад првопласираниот Антонио Гутјереш, поранешен португалски премиер и Данило Турк поранешниот словенечки претседател.

За доктор Керим резултатите од првиот круг од гласањето се важно признание за Македонија.

,,Резултатот е повеќе од задоволителен, ако се земе предвид дека учествуваат 12 признати и квалитетни личности практично од цел свет. Да се пласираш во таква конкуренција на првите 3 места тоа само по себе веќе доволно кажува. Се разбира ова е само најава и индикација, првиов резултат, бидејќи ќе има повеќе кругови на гласање. Сумарно речено, овој резултат покажува кој е горе, кој долу, што значи, со оглед на тоа дека ние сме горе на табелата, тоа значи дека одиме понатаму со многу добри изгледи до финалниот дел каде што и ќе се донесе вистинската одлука, а тоа ќе биде дури за почетокот на октомври’’, изјави за Сител Керим.

Зад Керим се најдоа актуелниот директор на УНЕСКО, Бугарката Ирина Бокова и поранешниот шеф на српската дипломатијата Вук Јеремиќ.

Дипломатски извори за Сител велат дека кога Јапонија, како претседавач повикала дали некој се јавува за збор за кандидатурите на Бокова и Јеремиќ, се јавиле претставниците на САД и Велика Британија кои не ги поддржале и предупредиле дека доколку не се повлечат, во третиот круг на гласањето, кога постојаните членки на Советот за безбедност имаат право на вето, ќе ја оспорат нивната кандидатура.

Вториот круг најверојатно ќе се одржи веќе следната недела, ако тоа го одобри Советот за безбедност. Инаку процедурата е долга и може да трае и 7, но и 12 кругови, што зависи од резултатите и доблеста на кандидатите без поддршка да се повлечат.

Според Керим, резултатите од првиот круг гласање покажале дека ќе се почитува џентлменскиот договор за избор на нов Генерален секретар од Источна Европа.

,,И на ова прашање може да се одговори преку резултатите на табелата после првиот круг. Имено, на првите 5 места, 4-ца се пласираа од Источна Европа, вклучувајќи ме и мене, што значи и тоа е една индиција за земјите членки на Советот за безбедност’’, смета Керим.

Инаку водството на Гутјереш по првиот круг гласање не значи ништо. При изборот на актуелниот генерален секретар на Светската организација , Бан Ки Мун, кој по 7 круга гласање беше на 4-тото место, за цело време водеше кандидатот на Тајланд, за да во клучниот 8-ми круг Бан ја добие довербата и биде избран за прв човек на Обединетите Нации.