Македонија
22. May 2019 - 15:04

Средното хемиско училиште ќе добие нова фасада

Средното училиште на Град Скопје „Марија Кири Склодовска“ наскоро ќе добие нова енергетски ефикасна фасада со што целосно ќе се промени постојниот изглед на зградата, изградена во 1969 година. На почетокот на градежните работи за реконструкција на фасадата на училиштето денеска присуствуваше градоначалникот Петре Шилегов.

– Со оваа реконструкција „Марија Кири Склодовска“ по 50 години добива нов лик, квалитетна и енергетско ефикасна фасада која ќе им овозможи на учениците и на вработените подостоинствени услови за учење и за работа. Се работи за нова структурална стаклена фасада со карактеристики на енергетски ефикасна фасада, специфична по визуелниот и естетски стил. Проектирана е модерно, од стакло и алуминиум, составена од алуминиумски композитни панели во боја, со нови челични профили и алуминиумска подконструкција. Вкупната вредност за изработка на фасадата изнесува 44.840.000 денари со вклучен ДДВ, рече градоначалникот Шилегов.

Минатата година 11 средни училишта на Град Скопје добија енергетско ефикасни фасади, а во скоро сите училишта на Град Скопје беа реализирани реконструктивни зафати согласно со нивните потреби. Во седум средни училишта, пак, беа направени тоалети за лицата со посебни потреби и беа обележани паркинг-места за лица со посебни потреби во секое училиште каде што имаше можност за тоа.

– Сите средношколци без исклучок, добија бесплатен јавен градски превоз во Скопје, а над 100 успешни спортисти средношколци и оваа година добија стипендии во висина од 3.000 денари месечно. Сакам да нагласам дека Градот Скопје и оваа година продолжува со реконструктивни активности во неколку училишта зашто вложувањето во иднината нема цена. Младите се нашата иднина и затоа заслужуваат достоинствени услови за образование, но и поттик за поголеми успеси и достигнувања, додаде градоначалникот на Град Скопје, Шилегов.