Македонија
26. April 2021 - 16:34

Средношколците се спротиставија на дигитализацијата на учебниците, тврдат дека ова го нема никаде во светот

Родителите и учениците сами да изберат дали ќе користат дигитални или хартиени учебници. Средношколскиот сојуз вели дека белгискиот модел на дигитализација на образованието е идеален за учениците со оглед на тоа што голем број немаат услови за учење само од дигитални учебници.

-Според нашите информации нема ниту една земја која целосно користи дигитални учебници во својот образовен систем. Сојузот смета дека дигитализацијата на образованието е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единственото решение. Ние имаме 40.000 ученици кои немаат пристап до интернет или до електронски уреди, вели претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.

Сојузот на средношколци има вкупно шест забелешки за новата реформа. Главната е дека образовниот систем треба да употребува и конвенционални и дигитални алатки.

Според МОН, пак, очекувано било да постојат дилеми кај младите и нивните семејства за новата реформа. Но, и покрај бурните реакции во јавноста се уште не отстапуваат од ваквиот модел.

-Примери за комбиниран модел за примена на учебници, како и за модели во кои дигиталниот учебник е единствена опција за учениците има многу, а позитивните искуства и практики беа предмет на анализа при конципирањето на нашиот автентичен модел чија примена започнува од учебната 2021/2022 година, велат од МОН.

Во меѓувреме, училиштата од родителите бараат да се изјаснат дали се во состојба да купат електронски уреди. Според информации на Сител, во некои училишта, буквално сите родители рекле дека немаат можност да купуваат уреди. Цените на таблетите во продавниците варираат според нивните конфигурации. Најевтините се околу 3.000, а најскапите можат да чинат и до 70.000 денари. Дигитални уреди од државата ќе можат да добијат само 4.000 деца од социјално-ранливи семејства. Но, со оглед на тоа што реформата од септември ќе важи само четвртоодделенците, тој број ќе биде многу помал.