Македонија
7. February 2020 - 20:30

Средношколците од Струмица повторно излегоа на протест поради загадувањето

Дел од средношколците од Струмица повторно излегоа на протест поради загадувањето. Здравје пред профитот, Светот оди напред, ние во ПМ 10,  теорија во пракса, ова беа само дел од пораките кои ги испратија до надлежните. Побараа чист воздух и мерки со кои ќе се намали загадувањето. Истовремено, побараа и итни  реформи во образованието. Средношколците кои протестираа  се пожалија  и на притисоци во дел од  училиштата и закани со неоправдани доколку  излезат на протест.  Ваквите тврдења раководствата на училиштата во целост ги демантираа.

Средношколскиот протест против аерозагадувањето го поддржаа и од иницијативата Здрава котлина. И тие  излегоа со неколку барања. Меѓу другото бараат општините во струмичката котлина јавно да покажат документи колку, каде и кога има извршено инспекции на инсталации со интегрирана еколошка дозвола од Б-категорија и инсталации што се уште се под усогласување со оперативен план.

Според најавите протестите против аерозагадувањето ќе траат до крајот на месецот и ќе се одржуваат секој петок.  На 1 март планиран е голем и помасовен протест.