Македонија
28. January 2021 - 16:32

Средношколците обвинуваат за притисоци за прекин на бојкотот

Заканите и притисоците не ги колебаат матурантите, бојкотот на наставата продолжува. Лидерот на средношколскиот сојуз тврди дека на учениците им претат со повторување на годината и бројни неоправдани изостаноци. 78 проценти од матурантите се вклучени во бојкотот тврди лидерот на сојузот и вели овој број ќе расте. Нивното барање е модифициран модел на државна матура со помалку предмети. Вакво олеснување добиле матурантите во Франција.

МОН не ги прифаќа барањата. Велат нивна законска обврска е да организираат полагање на државна матура за што до сега се пријавиле повеќе од 14.000 матуранти. Работат на нов концепт за полагање но тој ќе биде применлив од следната учебна година.

„Училиштата имаат законска обврска која треба да ја испочитуваат а се однесува на евиденција на часовите на кои не се појавил одреден ученик. Со оглед на осетливоста на возраста во која се наоѓаат матурантите, апелираме до родителите, наставниците, училиштата да внимаваат на притисоците кои се прават врз учениците за да се вклучат во бојкотот. Ги повикуваме учениците да се вклучат на настава бидејќи секој изгубен час е на директна нивна штета. “ велат од МОН.

Од средношколскиот сојуз велат на потег се пратениците бидејќи до нив ипратиле барање да отворат јавна дискусија по прашањето државна матура.