Македонија
19. April 2021 - 16:51

Средношколците обвинуваат дека дел од училиштата не го почитуваат договорот за матура

Одредени средни училишта не го почитуваат договорот меѓу средношколците и Владата, предупредува Сојузот на средношколци. Неколку училишта ширум државата не сакале да им ги испратат материјалите за полагање на интерните предмети. Согласно договорот училиштата се обврзани тоа да го сторат најдоцна 3 недели пред испитот.

-Одредени професори изјавија дека нема да ги споделат банките со прашања, а исто така има неколку случаи, на пример со една професорка од Охрид која на учениците им дала 60 прашања велејќи „еве ги прашањата како што е договорено, но ниту едно од нив нема да го има на испитот“, вели претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.

Иако се уште е рано за да ги добијат прашањата, Ходаи вели дека реагираат сега, за да не се случи да бидат извисени кон крајот на мај.

Од Државниот испитен центар, пак, велат дека тоа што е договорено ќе биде исполнето.

-Училишните матурски предметни комисии предвидено е да подготват минимум три пати повеќе испитни задачи (без решенија) во согласност со застапеноста и видовите на задачи пропишани во испитната програма по секој соодветен предмет и истите, минимум три седмици пред полагањето јавно да ги објават. Учениците не треба да имаат грижа во тој дел, туку нивниот фокус да биде насочен кон повторување на досега стекнатите знаења со цел успешно заокружување на оваа етапа од воспитно – образовниот процес, велат од ДИП.

За укинувањето на печатените верзии на учебниците, Сојузот на средношколци смета дека е крајно време за дигитализација, но секој учебник треба да добие и печатен учебник, како што е и во европските држави. Посочуваат дека има ученици кои немаат електронски уреди преку кои би можеле да учат.