Македонија
15. јуни 2019 - 13:32

Средношколци од Кочани на европски натпревар за ученички компании во Франција

Четиричлениот тим ученици од средното техничко училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани ќе ја претставува нашата држава на европскиот натпревар за ученички компании „Junior achievеment“, што од 3 до 6 јули ќе се одржи во францускиот град Лил.

Со својот пронајдок „Умна кутија за апчиња“ учениците Иван Данилов, Никола Андов, Душан Манев и Фидан Стоименов, заедно со менторот Игор Митев, беа победници на националниот натпревар „Junior achievement Macedonia” со што се стекнаа со право да ја претстават својата ученичка компанија во Франција.

-На натпреварот во Франција ќе учествуваат неколку стотини ученици од повеќе европски држави, а освен тоа се очекуваат и над две илјади гости од 40 земји членки на „Junior achievement Europa“. Придружна содржина на натпреварот ќе биде самитот за претприемничко образование на кој ќе учествуваат лидери и менаџери на највисоко ниво и експерти за образование, а ќе присуствува и францускиот претседател. Освен претставувањето на нашиот производ, учеството таму ќе биде можност да научиме повеќе, да размениме идеи со нашите врсници од Европа, што претставува дополнителна мотивација да продолжиме со слични проекти во иднина, истакнаа членовите на најдобрата ученичка компанија од Кочани.

Како награда за постигнатиот учениците од СОУ „Гошо Викентиев“ добија признанија и парични ваучери од Општина Кочани, а се очекува поддршка и од другите државни институции и приватни компании за покривање на трошоците за патувањето и учеството на натпреварот во Франција.