Македонија
23. August 2017 - 19:23

Средба Заев со дефектолози: Лицата со попреченост ќе бидат целосно вклучени во општеството

Целосно интегрирање на лицата со попреченост во општеството низ системски пристап и ефикасни и квалитетни решенија, било една од темите на кои премиерот Зоран Заев, придружуван од министерката за образование Рената Дескоска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и од заменик министерот за здравство Гоце Чакароски, денеска разговарал со претставниците на Сојузот на дефектолози на Република Македонија, претседателот Горан Петрушев и членот Спасе Додевски.

На средбата, како што соопшти  владината прес-служба, била поздравена реформската ориентираност на новата Влада и отвореноста за решавање и на ова важно прашање, низ современи, европски практики.

- Најавивме дека ќе градиме инклузивно општество и тоа го спроведуваме. Новата Влада целосно се отвора, заедно со стручната јавност да овозможи, лицата со попреченост да бидат целосно вклучени во општеството, тргнувајки од она што тие се во можност да го прават, истакнал премиерот Заев.

На средбата се разговарало за начините за надминување на состојбите од досегашните политики што ги делат и етикетираат граѓаните со попреченост и не им овозможуваат соодветен третман, помош, социјална и здравствена заштита, соодветно образование и можности да придонесуваат во општеството.

Меѓу приоритетните мерки на Владата се посочени обезбедувањето услови  децата со попреченост да посетуваат редовна настава во училиштата, да имаат свои персонални асистенти, активна и квалитетна помош од дневните центри во периодот кога не се на училиште, соодветна финансиска поддршка на семејствата каде има деца или лица со попреченост.

Исто така, меѓу приоритетните прашања била поставена и потребата за целосна координација меѓу ресорните министерства, со цел навремено и непречено решавање на проблемите со коишто се соочуваат лицата со попреченост.

Премиерот Заев со претставниците на Сојузот на дефектолози договорил редовна лична комуникација, покрај постоечката редовна соработка со министрите во Владата. Се разгледувале и други форми на дејствување, согласно меѓународната Конвенцијата за правата на децата со пречки во развојот, којашто Република Македонија ја има потпишано, но којашто досега не се спроведувала.

- Јас како премиер и Владата сме цврсто определени да ги решиме клучните проблеми со коишто се соочуваат лицата со попреченост и да им овозможиме нормален секојдневен живот нашите сограѓани кои се соочуваат со ваков проблем, рекол премиерот Заев на средбата во Владата со претставниците на Сојузот на дефектолози на Република Македонија.