Македонија
10. July 2018 - 8:25

Средба Заев - Могерини на Самитот во Лондон

Премиерот Зоран Заев, кој ја предводи  македонската владина делегација на Самитот „ЕУ - Западен Балкан“ во Лондон, денеска треба да има средба со високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини.

Во рамки на Самитот е планирано Заев да оствари билатерална средба i со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, а на маргините да се сретне со директорот на британската Служба за национална безбедност Роберт Чатертон Диксон, како и со членови на Охрид - групата, во чија организација е и работниот појадок со 16 политичари, воени претставници и новинари од Обединетото Кралство.

Централните настани на Самитот „ЕУ - Западен Балкан“ ќе почнат со прием што го организира премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите-членки на Берлинскиот процес и на земјите- членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската комисија.

Премиерот Заев е поканет да се обрати на панелот „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, како и да учествува во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година. На оваа пленарна сесија ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, германската канцеларка Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе заврши со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, што ќе го приреди принцот Чарлс. За време на приемот македонската делегација ќе има можност за куса билатерална средба со премиерката Тереза Меј.

Премиерот Заев вчера, на првиот работен ден од Самитот, присуствуваше на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите. Тема на работната сесија на ручекот, под раковдство на домаќинот на Самитот, премиерката Меј, беа економијата и регионалната соработка.

Заев попладнето се сретна и со извршниот директор на Фондацијата за демократија Вестминстер од Велика Британија Ентони Смит.

Од Лондон, премиерот Зоран Заев, со специјален лет заминува за Брисел каде ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО.