Бизнис
13. February 2021 - 19:36

Средба на владата со стопанските комори за петтиот пакет

Продолжува субвенцијата на плати со петтиот пакет економски мерки. Владата го претстави пред стопанските комори финалниот предлог за мерките, за кои тврдат дека се усогласени со барањата на бизнис секторот. Пакетот ќе содржи 30 мерки, чија цел е да се задржат работните места, да се подобри ликвидноста на компаниите, но и да се обезбеди директна помош за граѓаните.

Компаниите ќе може да добијат или помош за плати или бескаматни кредити. Но, компаниите кои годината ќе ја завршат со загуба ќе треба да ги враќаат парите, додека за тие со добивка, дел од бескаматните кредити ќе се претворат во неповратен грант од државата.

Во интервју за МИА, министерот за економија рече дека очекува компаниите веќе во март да може да аплицираат за различните мерки од пакетот.

При посета на една компанија, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, иако не ги знае деталите околу новиот пакет мерки, сепак од она што до сега е извесно, ги оцени како недоволни, а пред сè неразвојни.

Покрај бескаматните кредити и помошта за плати, мерка за која бизнисот беше најгласен, пакетот ќе содржи и мерки за туристичките и транспортните компании, за организатори на настани, медиуми, занаетчии, извозни компании, ќе има даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи граѓани, меѓу кои простување на каматите на заостанатите долгови кон јавните претпријатија.