Македонија
27. October 2015 - 18:41

Средба на вицепремиерот Бесими со германската пратеничка Кетрин Геринг

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска се сретна со Кетрин Геринг, пратеничка во германскиот Бундестаг и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.

На средбата е разговарано за активностите и капацитетите на Македонија за справување со големиот број мигранти, за новите бранови кои се предвидуваат да пристигнат, како и за мерките што се преземаат од македонска страна.

Бесими, како што соопшти неговиот Кабинет, информирал за координативните состаноци со претставници на ЕУ, како и со земји и организации донатори во Македонија на кои една од темите на дискусија била миграцијата и актуелната ситуација.

Соговорниците разговарале и за последните случувања во земјата, за евроинтегративните процеси и за исполнувањето на потребните реформи и на политичкиот договор.

Вицепремиерот Бесими изразил благодарност за директната поддршка која Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања ја добива од Германија преку канцелариите на Германското друштво за меѓународна соработка-ГИЗ и преку ИПА твининг проектот, конзорциум од три земји каде Германија е главен партнер, во соработка со Полска и Хрватска.