Македонија
3. October 2016 - 14:06

Средба на вицепремиерот Адеми со италијанскиот амбасадор Ромео

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми денеска имаше средба со новоименуваниот италијански амбасадор на Република Италија во Република Македонија, Карло Ромео.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Адеми и Ромео разговарале за актуелната состојба во земјата, развојот на политичките случувања, како и евроинтегративниот процес на Македонија.

Вицепремиерот Адеми потенцирал дека спроведувањето на демократски и кредибилни избори се од клучно значење за надминување на политичката криза во земјата, а секако потребно е и понатамошно и интензивно спроведување на итните реформски приоритети. Адеми информирал и за важноста на понатамошното спроведување на Охридскиот рамковен договор, како и континуираната поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.

Соговорниците изразиле задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји и се заложиле да ја продлабочат истата со конкретни проекти, се наведува во соопштението од СЕП.