Македонија
21. March 2019 - 17:30

Средба на собраниска делегација предводена од Џафери со претседателот на шкотскиот Парламент

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, претседателката на  Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска, Генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова и претставници од службата на Собранието за време на студиската посета организирана од Вестминстер Фондацијата за Демократија во Единбург, Шкотска а во рамките на потпишаниот Меморандум за соработка за воспоставување на буџетска парламентарна канцеларија во Собранието на Република Северна Македонија остварија работна средба и со претседателот на шкотскиот Парламент, Кен Мекинтош, соопшти собраниската прес-служба.  

Мекинтош изразил надеж дека студиската посета се одвива во потребниот правец и дека работните средби ќе овозможат создавање претстава за тоа во која насока ќе се развива воспоставувањето на буџетската парламентарна канцеларија во Собранието на Република Северна Македонија, имајќи го предвид фактот дека претходно, дел од Делегацијата беше во работна посета во Белград, Србија. 

Претседателот Џафери изразил благодарност  до претседателот Мекинтош за тоа што ги отворија вратите на Шкотскиот Парламент за Делегацијата од Собранието на Република Северна Македонија и овозможиле одблиску да се запознае со функционирањето на буџетската канцеларија во рамките на Парламентот, да слушне од директните корисници на услугите на буџетската канцеларија, пратеници и служба, за потребата и придобивките од постоењето на таквите канцеларии.  

-Тој го информирал домаќинот за актуелната политичка состојба во нашата земја и за напорите што  ги прави актуелното мнозинство во насока на исполнувањето на потребните предуслови за постигнување на стратешките цели, односно полноправното членство во НАТО и ЕУ. По постигнувањето на Договорот со Бугарија и Договорот со  Грција, Република Северна Македонија го одблокира патот на евроатланска интеграција и во моментов се одвива ратификацијата на Протоколот за пристапување на земјата во НАТО во националните парламенти на земјите членки на НАТО и очекувањата се дека до крајот на 2019  или почетокот на 2020, таа цел ќе биде остварена. Во однос на ЕУ, покрај скринингот, очекуваме дека во јуни оваа година ќе се отвори процесот на пристапни преговори со ЕУ, се вели во соопштението.  

Претседателот на шкотскиот Парламент, се интересирал за начинот на функционирање на Собранието на Република Северна Македонија, при што изразил мислење  дека размената на взаемните искуства може да биде од полза за двата Парламенти. Што се однесува на билатералната парламентарна соработка, заедничка била констатацијата во однос на важноста таа соработка да продолжи и да се продлабочи.

-Во таа насока, формирани се Групи за соработка во двата парламенти и двајцата соговорници ја охрабруваат и подржуваат таа соработка, особено ако се има предвид драгоценото искуство од парламентарното работење за пртениците и службениците. Претседателот Џафери го покани неговиот хомолог на официјална посета во Република Северна Македонија, нешто што г. Мекинтош го поздрави со голем позитивизам, се посочува во соопштението. 

Покрај горенаведените работни средби во Шкотскиот Парламент, Делегацијата имаше работна средба и во Шкотскиот државен завод за ревизија, каде се информираше на непосреден начин за начинот на разгледување на ревизорските извештаи во Парламентот.