Македонија
3. December 2019 - 15:32

Средба на претседателот Пендаровски со претставници од Националниот совет на инвалидските организации

Непристапноста до објектите, недостиг на литература со Брајово писмо, мал број на толкувачи на знаковен јазик, како и малата финансиска помош од државата се дел од главните предизвици со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост, кои претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Макеоднија му ги посочија на претседателот на државата Стево Пендаровски.

Претставниците на националните сојузи на здруженија на лица со инвалидитет на средбата со претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември потенцирале дека за нив најголема пречка е стигматизирањето на овие луѓе од општеството.

На средбата, како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, Пендаровски истакнал дека е свесен дека инклузијата на овие луѓе во општеството не е на завидно ниво и дека затајува и функционалноста на институциите. Во таа насока, како што посочил претседателот Пендаровски, неговиот Кабинет за луѓето со попреченост е отворен во секое време.

Истовремено, претседателот Пендаровски изразил поддршка за активностите на инвалидските организации и подвлече дека и натаму ќе се залага за понатамошно подобрување на правата на овие лица, преку подобрувањето на законската легислатива и преку нејзино доследно имплементирање.

Пендаровски им порачал на претставниците од Националниот совет на инвалидските организации на Македонија дека без оглед на состојбите, треба и понатаму бескомпромисно да се залагаат за афирмирање на нивните потреби и права, за што секогаш ќе ја имаат неговата безрезервна поддршка.

На средбата присуствувале претставници на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, како и на националните сојузи на слепи, на глуви и наглуви лица, на луѓе со телесен инвалидитет на Македонија, претставници на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака, на националниот сојуз на цивилни инвалиди од Втората светска војна и претставници на националниот сојуз на инвалиди на трудот.