Македонија
12. јуни 2020 - 14:31

Средба на претседателот Пендаровски со претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ

На покана на претседателот Стево Пендаровски, денеска во 18:30 часот во Вила Водно, ќе се одржи средба со претседателот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање до јавноста побара од лидерите на најголемите политички партии Заев и Мицкоски да најдат решение во однос на тоа кога би се одржале изборите.

Тој смета дека лидерска средба во форматот кој го имале до сега два пати, нема да има потреба да се одржи повторно, затоа што позицијата на другите лидери се изборите да се одржат на 5-ти или 19-ти јули.

-Контактирам секој ден со политичките лидери особено со овие кои имаат најголеми разлики во делот на датумот мислам дека нема ниту еден ден од последниот пат кога се видовме по истиот овој повод да не сум разговарал со Заев и со Мицкоски. Денеска од сабајле не сум разговарал, меѓутоа имам намера веднаш по завршувањето на оваа прес-конференција да ги побарам двајцата бидејќи мислам дека време за губење немаме. Ако разликите меѓу двата главни политички блока, се разбира дека има и други партии и позиции кои се значајни и релевантнои и еднакво ги третирам сите нив, меѓутоа тие во овој момент не се разликуваат од овие два политички блока, рече Пендаровски на денешната прес-конференција.

Пендаровски додаде дека треба сите да се издигнат над овој момент кој е многу сериозен и комплексен, и да се најде решение бидејќи како што рече, не станува збор за месеци или години, туку за 8 до 15 дена разлика меѓу двата главни политички блока.

Кажа дека е можно и да ја преиначи одлуката за вонредната состојба и таа да биде продолжена уште неклку дена со цел да се дојде до меѓупартсики консензус за терминот на изборите.

Претседателот Стево Пендаровски денеска откри и дека власта и опозицијата неодамна се договориле дека изборите не мора да се оддржат во недела, туку може и во среда.

Власта и опозицијата, како што додаде, се согласни дека на изборите мора да има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР и дека ДИК во соработка со Комисијата за заразни болести треба да изготви безбедносни протоколи за гласање.