Македонија
30. May 2017 - 14:29

Средба на претседателот на Собранието со турската амбасадорка Еркал Кара

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Репубика Турција во Република Македонија Тулин Еркал Кара.

- Честитајќи го изборот за претседател на Собранието на Република Македонија, амбасадорката Тулин Еркал Кара истакна дека во Република Турција будно се следат случувањата во Република Македонија и надминувањето на политичката криза, без мешање во внатрешните работи на земјата. Таа истакна дека како долгогодишен политичар и поранешен пратеник била длабоко вознемирена од случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година и изрази надеж дека со изборот на новата влада ќе се надмине политичката нестабилност во земјата, се вели во денешното соопштение од собраниската прес-служба.

Џафери нагласил дека високо го цени пријателството со Република Турција, а особено плодната соработката што ја остварил со своите турски колеги како поранешен министер за одбрана и поранешен шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО. Тој изразил надеж дека плодната соработка на парламентарно ниво ќе продолжи да се продлабочува, како меѓу претседателите на двете собранија, така и меѓу парламентарните групи за соработка и пријателство. Во врска со настанатите од 27 април, претседателот на Собранието истакна дека се преземени превентивни мерки ваквите случувања да не се повторат во иднина.

Соговорниците се согласиле дека севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Турција се карактеризираат со традиционално пријателство, меѓусебно разбирање и активна соработка и изразија уверување дека ваквиот тренд ќе продолжи и во иднина.