Бизнис
11. May 2018 - 19:43

Средба на премиерот Заев со битолските бизнисмени

Владата продолжува со политиките за пораст на платите, истакна премиерот Заев денеска во Битола. Заедно со вицепремиерот Анѓушев и градоначалничката Петровска имаа работна средба со бизнис секторот од Битола на кој им беше претставена и новата мерка со која дополнително ќе растат платите.

-Државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка до 30% од растот на бруто платата на работниците од трудоинтензивните дејности. Мерката ќе се однесува на исплатени плати или покачени плати до 18.000 денари. Целта е една, да растат платите и граѓаните на Македонија да имаат повеќе пари, а при тоа компаниите да останат стабилни, изјави Зоран Заев, премиер на Македонија.

Заев истакна дека со третиот столб на планот за поддршка на економскиот раст, малите и средни претпријатија во Македонија добиваат рекордно најголема државна помош досега, oбезбедени се средства во висина од 10 и пол милиони еврa.

-Економскиот план обезбедува поддршка и за брзорастечките компании т.н. газели со 30% поврат на направените инвестиции. За микро компаниите овозможуваме поддршка до 30% од направените инвестиции, и за развој на иновативноста на микро, малите и средните компании со поврат до 70% од направените инвестиции во активности поврзани со иновации, истакна Заев.

Тој ги повика фирмите да аплицираат и да ги исцрпат предвидените средства од мерките.