Македонија
5. November 2015 - 15:34

Средба на Попоски со делегација на групата на социјалистите во Европскиот парламент

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше средба со делегација на групата на социјалистите во Европскиот парламент предводена од нејзиниот претседател Џани Питела од Италија и потпретседателот Кнут Флекенштајн од Германија.

На средбата беа разменети мислења за актуелната политичка ситуација во Македонија, нејзината европска перспектива, како и за предизвиците во справувањето со мигрантската криза, соопшти МНР.

Претседателот на групата на социјалистите Питела ја реафирмираше поддршката на Европскиот парламент и неговата политичка група за европскиот интегративен процес на Македонија. Беше истакната важноста од целосно имплементирање на политичкиот договор и спроведување фер и демократски избори во април 2016 година, што би го отворило патот кон отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. 

Соговорниците изразија согласност дека конструктивното политичко опкружување во Република Македонија е многу значајно за избегнување на дополнителни пречки на патот кон ЕУ.

Министерот Попоски изрази благодарност за поддршката што Македонија ја добива во повеќе наврати од Европскиот Парламент во правец на отпочнување на преговори за членство во ЕУ. - Посакуваме поддршката да биде преточена во одлуки од страна на Советот на ЕУ, што сериозно би го зацврстило кредибилитетот на ЕУ перспективите за РМ, констатираше тој.

Осврнувајќи се на кризата со бегалците, беше нагласена конструктивната улога на Македонија во справувањето со ситуацијата, како и потребата од зајакната соработка и координација со соседните земји и ЕУ. - Нема долгорочно решение без решавање на кризата во Сирија, истакнал меѓу другото министерот Попоски.