Македонија
3. November 2015 - 8:58

Средба на партнери од Долна Нормандија и Македонија во Скопје

Годишна средба на Соработката Долна Нормандија и Македонија ќе се одржи на 3 и 4 ноември 2015 година во Скопје. Средбата ќе ja отворат амбасадорката на Франција во Македонија Лоранс Оер, заменик министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов и Сабин Гише Лебаји од Регионот Долна Нормандија.

На собирот ќе се сретнат 70 партнери од Нормандија и Македонија, градоначалници, претставници на министерстсва, здруженија на граѓани, средни училишта, културни и други институции. Целта на средбата е да се дискутираат досегашни и идни активности во рамките на оваа соработка.

Соработката помеѓу Долна Нормандија и Македонија веќе 10 години поддржува проекти во областа на локалното владеење преку размени на двете територии во прилог на децентрализација и поддршка во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

Во 2015 година во рамки на Соработката Долна Нормандија – Македонија беа одобрени 13 проекти кои се во тек на спроведување од страна на општини и здруженија на граѓани. Исто така, осум општини од Македонија се збратимени со локални власти од Нормандија и соработуваат со голем интензитет. Се спроведуваат и голем број активности на новата тема во соработката „Првата светска војна и Македонија“, меѓу кои голема меѓународна конференција „Првата светска војна во колективната меморија - размена на искуства на Балканот“, која ќе се одржи во Скопје на 5 и 6 ноември 2015 година.

Соработката помеѓу Регионот Долна Нормандија и Македонија е поддржана од Регионалниот совет на Долна Нормандија, Министерството за надворешни работи на Франција. Програмата за соработка е координирана од страна на АЛДА: Европската асоцијација за локална демократија.