Македонија
5. July 2017 - 20:56

Средба на министерот Сухејл Фазлиу со евроамбасадорот Самуел Жбогар

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска се сретна со шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија Самуел Жбогар.

Како што информира Министерството за локална самоуправа, на средбата министерот Фазлиу ја истакнал заложбата на Владата за суштински реформи и отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.

Министерството, како што рекол Фазлиу, ќе се посвети на процесот на децентрализација на власта со цел да се овозможи оддржливо функционирање на општините, поефикасна испорака на поквалитетни услови и избалансиран развој.

Фазлиу ја истакнал и улогата на локалната самоуправа во подобрувањето на квалитетот на живеење преку обезбедување на подеднакви услови за живот за сите граѓани.

- Нашата заложба за едно општество за сите ќе ја реализираме преку создавање на услови за подеднаков пристап до јавните услуги за сите граѓани и развој на локалната демократија, согласно европските пракси, рекол Фазлиу.

На состанокот присуствувал и заменикот министер Дејан Павлески. Тој ја истакнал определбата на Владата за партнерство со ЕУ и членство на Република Македонија во Унијата.

Во таа насока, рече тој, Министерството за локална самоуправа ќе работи посветено на процесот на децентрализација и особено на зајакнување на финансиската стабилност на општините, како и на рамномерниот регионален развој, преку реализација на реални проекти. Павлески ја истакнал важноста од поголема транспарентност и отчетност на општините, како и на учеството на граѓаните во донесувањето на одлуки на локално ниво.

Евроамбасадорот Жбогар истакнал дека очекувањата на ЕУ се големи во однос на остварувањето на реформите, вклучително и во сферата на локалната самоуправа.

Жбогар ја истакна поддршката од страна на Европската Унија и преку новиот проект во вредност од 2,2 милиони евра кој што ќе значи директна помош во зајакнувањето на капацитетите на Министерството и на општините. Тој ја истакнал потребата од поголема поддршка на помалите општини кои што се соочуваат со проблеми во остварувањето на своите надлежности, како и во реализацијата на проектите финансирани од Европската Унија.

Во тој контекст, на состанокот се разговарало и за создавање услови за поефикасно искористување на средствата од ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка, во координација на Министерството за локална самоуправа, а во соработка со другите надлежни институции и со Делегацијата на Европската Унија.

Министерот Фазлиу ја прифатил поканата на евроамбасадорот Жбогар за учество на состанокот што во средината на октомври ќе се одржи во Охрид, на кој, со учество на сите релевантни структури, ќе се разговара за предизвиците во имплементацијата на ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка.