Македонија
27. јуни 2017 - 22:09

Средба на министерот Сугарески со директорката на Директоратот на ЕК за Западен Балкан

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски денеска оствари средба со директорката за Западен Балкан во Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Геновева Руиз Калавера. 

Од страна на министерот Сугарески, како што соопшти ресорното Министерство, изразена е целосна подготвеност за продолжување на соработката меѓу македонската Влада и Европската Унија, посебно во реализацијата на капиталните проекти што се од особено значење за Македонија и регионот. 

Министерот Сугарески потенцирал дека реформите што ќе се спроведуваат во наредниот период ќе бидат во насока на подобрување на севкупната состојба. Тој изразил благодарност за соработката и побарал дополнителна поддршка во насока на побрзо интегрирање на Република Македонија како дел од Европската Унија.

- Огромна е поддршката што ни ја овозможува Европската Унија во рамките на реализацијата на капиталните проекти што се од особено значење за Република Македонија, но и за цел регион. Министерството за транспорт и врски ќе продолжи со реализација на таквите проекти, а воедно сме задоволни што и ЕУ на нас гледа како еден сериозен партнер и искрено се надевам дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина, истакнал Сугарески. 

Двајцата соговорници се согласиле да се интензивира понатамошната соработка, особено во делот на поддршката на инфраструктурните проекти.