Македонија
24. July 2017 - 18:57

Средба на министерот Шапуриќ со евроамбасадорот Жбогар

Начинот и процедурите за усвојување на регулатива за подобрување на бизнис климата во земјата беа тема на разговор на денешната средба меѓу министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Евроамбасадорот Жбогар, информираат од владината прес-служба, изразил задоволство од силната посветеност на Владата, предводена од премиерот Зоран Заев за интензивирање на процесите за приближување на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ и НАТО. 

Министерот Шапуриќ го запознал евроамбасадорот за определбата на Владата за донесување на прецизна регулатива за подобрување и стимулирање на домашните инвестиции во погони за производство на производи кои ќе бидат наменети за извоз и на еколошки поволни и напредни технологии, како и за определбата Владата да обезбеди постепено изедначување на условите меѓу домашните и странските инвеститори.

Министерот Шапуриќ изразил уверување дека следните извештаи на Европската комисија ќе бидат многу попозитивни и дека сугестиите и препораките ќе бидат сериозно анализирани и ќе претставуваат патоказ во понатамошното преземање на мерки и активности.