Македонија
16. March 2017 - 15:17

Средба на министерот Агим Нухиу со делегација од германскиот Бундестаг

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска се сретна со претставници на Комисијата за избори, имунитет и деловничко уредување од германскиот Бундестаг, придружувани од Кристине Алтхаузер, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија. 

На средбата, како што соопшти МВР, двете страни ја потенцирале успешната и плодна соработка помеѓу двете земји.

- Според министерот Нухиу, долгогодишната соработка е полна со доверба и се протега на многу области. Министерот Нухиу, воедно, изрази и благодарност за поддршката која ја добиваме од СР Германија, како од аспект на материјално-техничка опрема, така и од аспект на организирање разни обуки и усовршување во различни области од полициското работење. Претставниците на Бундестагот истакнаа дека соработката и партнерството со Република Македонија ќе бидат продлабочени и интензивирани и во иднина, со цел евро-атлантска интеграција на земјата, се вели во соопштението.

Министерот за внатрешни работи на средбата се осврнал и на актуелната ситуација во Република Македонија, при што истакнал дека МВР има капацитети и е максимално посветена во одржување на јавниот ред и мир и безбедноста и сигурноста  на сите граѓани.