Македонија
4. July 2017 - 17:44

Средба на министерката Шекеринска со грчкиот амбасадор Јанакакис

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорот на Грција, Димитрис Јанакакис на денешната средба во Министерството за одбрана ја поздравија соработката помеѓу двете земји во областа на одбраната и во справувањето со мигрантската криза.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска истакнала дека има соработка во доменот на одбраната и дека двете армии можат да соработуваат добро, без да се оптоваруваат со политички прашања. Министерката за одбрана, се посочува, особено ја истакнала воено-образовната соработка, во чии рамки офицери од Армијата на Република Македонија се школуваат на високите воени школи во Грција, како Националниот одбранбен колеџ или Високиот воен колеџ.

Амбасадорот Јанакакис, се наведува, изразил задоволство од добрата соработка во одбраната и дополнил дека може многу да се направи во нејзиното унапредување. - За нас вие сте важен сосед. Како земја сме заинтересирани за ваш успех и просперитет, рече Јанакакис, се наведува во соопштението.

Министерката Шекеринска на средбата се осврнала и на мигрантската криза, информирајќи дека Собранието на Република Македонија ја продолжи кризната состојба на јужната граница, а со тоа и на припадниците на АРМ на границата.

- Припадниците на Армијата на Република Македонија се на нашата јужна граница. Состојбата таму не е драматична, но не може со сигурност да се каже како таа ќе се развива, рече министерката и додаде дека е потребно да се постави систем со кој ќе се справиме со овие предизвици, стои во соопштението.

Во тој контекст амбасадорот Јанакакис истакнал дека е добредојдено намалувањето на притисокот на мигрантската криза на границите на двете земји. Тој се осврнал и на добрата соработка помеѓу полициските и воените сили на границата.

Од аспект на интеграцијата на Македонија во НАТО Алијансата, министерката Шекеринска побарала солидарност од Грција како сосед.

- Членството во Алијансата ќе ја зајакне земјата, а ќе ги направи и границите постабилни, рече Шекеринска.

На средбата соговорниците ја поздравиле посетата на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на Грција, како и најавената возвратна посета на неговиот грчки колега Никос Коѕиас на Македонија, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана.