Свет
19. October 2016 - 8:49

Средба на Меркел со претседателите на Русија, Украина и Франција

Германската канцеларка Ангела Меркел вечерва ќе биде домаќин на средба со претседателите на Русија, Украина и Франција, на која ќе бидат разгледани напорите за постигнување мир во источна Украина, соопшти Владата во Берлин.

Во соопштението се наведува дека Меркел ги поканила рускиот претседател Владимир Путин, неговиот украински колега Петро Порошенко и шефот на француската држава Франсоа Оланд за да направат оценка за спроведување на Договорот од Минск за надминување на кризата во источна Украина, како и да ги разгледаат следните чекори во мировниот процес. 

Четворицата лидери имаат повремени средби, на кои дискутираат за спроведувањето на договорот од белорускиот главен град, постигнат со посредство на Германија и Франција во февруари 2015 година. Последните разговори на високо ниво во тој т.н. нормандски формат се одржаа во октомври минатата година во Париз.

Најавата за оваа четиристрана средба уследи откако портпаролот на германската Влада Штефан Зајберт во понеделникот изјави дека канцеларката Меркел е подготвена да се сретне со рускиот претседател Путин, ако има напредок во мировниот процес за Украина.