Бизнис
10. October 2019 - 15:41

Средба на копретседателите на македонско-руската Меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка

Неискористениот потенцијал во економската соработка е една од многуте теми на кои во Москва се разговараше на денешниот работен состанок меѓу министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски со претседателот на рускиот дел од Меѓувладината комисија за трговско- економска и научно-техничка соработка, Алексеј Груздев.

На средбата, соопштуваат од МЗШВ, е договорено да бидат проучени можностите за реализирање на конкретни иницијативи и заеднички проекти.

– Воедно, Димковски и Груздев разговараа и за претстојната 9-та седница на Комисијата која ќе се одржи на ноември во Охрид. Во фокусот на седницата ќе бидат неколку теми, енергетика со посебен акцент на инвестиции во хидроенергетика, гасификација, примена на нови иновативни технологии, туризам и земјоделство. Во рамки на претстојната седница на Комисијата ќе биде одржан и бизнис форум и Б2Б средби меѓу заинтересираните фирми од двете земји, за воспоставување долгорочна соработка. Од руската страна веќе постои интерес од автомобилската индустрија, фирми кои нудат земјоделска механизација, од ИТ секторот, третман на отпад и решавање на проблемите со загадување. Земјоделството како еден од клучните сектори во билатералната соработка ќе биде еден од носечките во идната соработа, имајќи ги предвид можностите за извоз на земјоделско – прехранбени производи кои се во подем и за нив постои голем интерес на рускиот пазар, се вели во соопштението на Министерството.

Инаку, на работниот состанок освен делегацијата од МЗШВ, присуствувал и претседателот на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев.

Руската Федерација е значаен трговски партнер на Република Македонија и во 2016 година го зазема 14-то место, во 2017 година е на 18-то место на листата на земји со кои Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена.

Најизвезувани производи од Северна Македонија во Русија се лекови, а од земјоделски производи се извезуваат кајсии, цреши, вишни, праски, сливи, јаболки, домати и зелка.