Балкан
16. April 2018 - 13:54

Средба на бугарскиот премиер со претседателот на Косово

Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска му врачи медал на бугарскиот премиер Бојко Борисов по повод 10 години од независноста на Косово.

„Од името на бугарскиот народ го примив Претседателскиот медал за придонес за слободата и независноста на Република Косово, а по повод 10 години од прогласувањето. Знак на благодарност кон бугарскиот народ, кој секогаш ја поддржувал борбата за слобода, независност и мир во регионот“, напиша Борисов на својата Фејсбук страница.

По свечената церемонија, Борисов имаше средба со Хашим Тачи, а во тек се разговори со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

- На средбата разговаравме за европскиот пат на земјите од Западен Балкан и гарантирањето на мирот и безбедноста во регионот. Двајцата сме согласни дека инфраструктурните проекти и дигиталната поврзаност меѓу шесте балкански земји и Европската унија ќе го забрза развојот на нашите држави, напиша Борисов на Фејсбук по средбата со Тачи.

Борисов повика на продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина за да можат двете земји да ги решат проблемите, бидејќи само тогаш можат да станат кандидатки за членство во ЕУ. Исто така, Борисов изрази надеж дека и Скопје и Атина ќе успеат да го решат проблемот со името.

Во рамки на еднодневната работа посета, Борисов ќе има средба и со шефовите на мисијата на ЕУ во Косово.