Македонија
25. September 2016 - 17:30

Средба Иванов- Бан Ки Мун во Њујорк

Претседателот Ѓорѓе Иванов на вчерашната средба со генералниот секретар на обединетите нации Бан Ки Мун, ја истакнал подготвеноста за учество во процесот за решавање на спорот со името кој е воден од обединетите нации.

Иванов ги поздравил зачестените контакти како и мерките за градење доверба кои треба да се прошируваат.

- Со дијалогот и со мерките се создава позитивен амбиент кој помага за враќање на довербата и подобро разбирање – рекол Иванов.

Од друга страна, грчкиот министер за надворешни Никос Коѕијас, во интервју за весникот Катимерини вели дека очекува притисок за решавање на спорот по изборите во Македонија.

- Моја претпоставка е дека по завршувањето на изборниот процес во Македонија и изборите на 11 декември, сигурно од многу страни ќе има поттикнувања за решавање на спорот за името. Следствено, после изборите, ова прашање треба да биде предмет на консултации меѓу двете министерства за надворешни работи и да не го оставаме на трети. И со помош, се разбира, на медијаторот Метју Нимиц, изјави Коѕиас.

Исто како и претседателот Иванов и Грчкиот министер за надворешни ги истакнал придобивките од мерките за градење доверба помеѓу двете земји.

- Но да знаете дека мерките за градење доверба помогнаа многу за да се урне сликата на Грција во Скопје, дека ние сакаме да ја распаднеме оваа држава, изјави Коѕиас и уште еднаш повтори дека Грција сака Македонија да опстои и оти токму затоа тој ставил вето кога Европската унија дискутирала за воведување санкции против нашата земја.