Македонија
30. January 2020 - 13:51

Средба Ѓурчиновски-Хансен: Продлабочување на одбранбената соработка со Норвешка

Унапредување на соработка и можностите за нејзино проширување, како што се иницијативата на балкански медицински наменски сили како дел од проектот паметна одбрана, НАТО мисиите, регионалниот центар за односи со јавност и други од взаемен интерес биле теми на средбата на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски со неговиот норвешки колега, адмирал Хакун Брун Хансен во Осло.

Како што соопшти прес-канцеларијата на ГШ, генералот Ѓурчиновски, кој се наоѓа во официјална посета на норвешките Вооружени сили, на средбата со адмирал Хенсен изразил благодарност на Норвешка за целосната досегашна поддршка и уверување дека соработката ќе се продлабочува и во формат како НАТО сојузници.

По средбата со Адмирал Хансен, на работен состанок во Врховната команда е дискутирано за теми од интерес во насока на планирање на нашиот ангажман во заеднички активности кои ќе произлегуваат по ратификација на нашето членство во НАТО. Притоа од страна на нашата делегација се презентирани моментални активности на Армијата и партиципацијата во командната структура и сили на Алијансата.

Генералот Ѓурчиновски во Министерството за одбрана оствари средба и со заменичката на министерот за одбрана, Тоне Скоген на која исто така е разговарано на теми од взаемен интерес и меѓусебната соработка.

Во текот на посетата делегацијата на Армијата, ќе ја посети и Здружената команда на Вооружените сили во Бодо, каде покрај средбата со командантот, адмирал Свер Нордал Енгенест, ќе ја посетат и Воздухопловната команда каде ќе се запознаат со мисијата, задачите и обука.

Средбите на највисоко воено ниво ја потврдуваат многу добрата соработка на Армијата со ВС на Норвешка. Адмиралот Хансен во текот на минатата година во август престојуваше во официјална посета на нашата земја, се наведува во соопштението на ГШ.

Во досегашниот период беше остварена соработка со учеството на македонски медицински хируршки тим, во рамките на Норвешката полска болница од 2008 до 2012 година во Мејмана, Авганистан и во областа на воената обука и едукација. Кралството Норвешка ја донираше лесната маневарска полска болница, која е во состав на нашата Армија, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот „Лепеза“ и Регионалниот центар за односи со јавност, се додава во соопштението.