Македонија
26. February 2019 - 13:34

Средба Џафери-Комшиќ: Односите меѓу двете земји пријателски и без отворени прашања

 Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска се сретна со членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, на која било изразено задоволство од досегашните одлични пријателски односи меѓу двете земји и било оценето оти тие се во постојана нагорна линија, без отворени прашања.

Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, изразил надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, како на политички, така и на економски план, при што ја искористл можноста да упати покана до своите колеги од Парламентот на БиХ за интензивирање на парламентарната соработка на сите нивоа.

-По успехот со потпишувањето на пристапните протоколи за НАТО, очекувам дека во јуни оваа година имаме голема шанса да добиеме и датум за пристапни преговори со ЕУ, истакнал Џафери.

Членот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ упатил честитки за големиот успех што го постигнавме како држава. Начинот на кој го постигнавме Договорот со Република Грција, како што рекол, ја става Република Северна Македонија на пиедесталот на земја која е пример кој сите останати земји во регионот го наведуваат како модел за решавање на отворените прашања.

Тој, исто така, ја потенцирал важноста од зајакнувањето на економската и трговска соработка меѓу двете земји и изразил надеж дека оваа соработка ќе се интензивира во иднина, при што искажа очекување дека за Босна и Херцеговина размената на искуства со нашата земја на планот на ЕУ и НАТО интеграциите е повеќе од добредојден.

Џафери како домаќин му се заблагодарил на Комшиќ за неговата посета и искажана почит во однос на одбележувањето на 15-годишнината од трагичниот настан кај Мостар, во кој животот го загуби поранешниот претседател Борис Трајковски.