Балкан
30. November 2021 - 21:18

Србија втор пат ги ограничи цените на основните прехранбени артикли - дали тоа ќе го стори и македонската влада?

Српската Влада ги замрзна цените на основните прехранбени производи. Според одлуката, цените на шеќерот, маслото, брашното, млекото, свинското месо се враќаат на нивото од пред две недели и се замрзнуваат. Нема да смеат да бидат зголемени во наредните 60 дена. Ограничување има и за количините на производи кои треба да се нудат на продажба, односно производителите не смеат да испорачуваат помали количини од просекот во последните 12 месеци. Целта на мерката е да се отстранат штетните последици и нарушувања на пазарот.

Во земјава цените растат неколку месеци со ред, но засега Владата нема одлука за замрзнување на цените. Од ССМ по втор пат месецов апелираат Владата побрзо да донесе мерка со која ќе го заштити животниот стандард на граѓаните.

Српската Влада покрај за основните производи, има решение и за цената на струјата. Имено, за да се заштити земјата од ценовен шок, фирмите кои се снабдуваат на слободен пазар, добиваат можност да ги продолжат договорите за резревно снабдување преку државната компанија до 31 декември. Целта на оваа мерка е да се спречат штетите последици врз пазарот што би настанале заради зголемената цена на струјата на светските берзи.  Во земјава, цената на струјата за домаќинствата е гарантирана до Нова година, а фирмите се оставени на слободен пазар.