Балкан
24. December 2020 - 9:20

Србија почнува со вакцинација, Брнабиќ ќе ја прими вакцината во живо

Србија денеска почнува со вакцинација, а меѓу првите кои ќе ја примат вакцината се премиерката Ана Брнабиќ, министерката за труд Дарија Кисиќ – Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон.

Како што е најавено, тие ќе ги примаат вакцините во 10 часот, а настанот ќе биде емитуван во живо.

За време на гостувањето во Српската радиотелевизија, Кисиќ – Тепавчевиќ рече дека е горда што Србија успеа да ја набави вакцината на „Фајзер“ меѓу првите во светот.

Говорејќи за почетокот на вакцинацијата во геронтолошките центри, што треба да започне денес во Белград и Нови Сад, а утре во Ниш, таа рече дека одлуката не е донесена ад хок.

Кисиќ – Тепавчевиќ потенцираше дека лекарите се обучени и дека се подготвени да ги вакцинираат граѓаните со вакцина која, како што изјави, се покажала како безбедна и не предизвикува сериозни негативни реакции.

„Вакцината кај нас е одлична вест. Тоа е нешто што може да биде светло на крајот од тунелот“, истакна таа.