Македонија
22. March 2021 - 19:40

Србија го одложи пописот, Македонија не отстапува

Со повеќе од 2 милиони аплицирани вакцини и огромни количини во фрижидерите Србија денеска се реши да го одложи пописот кој беше закажан за во април. Надлежните процениле дека обуката на попишувачите и нивното присуство во секој дом е преголем ризик за брзо ширење на вирусот па следејќи ги препораките на Обединетите нации, српскиот завод за статистика решил наместо во април, пописот да се одржи во октомври.

Во Македонија сосема поинаква слика. И покрај тоа што немаме ниту една вакцина, Владата вели одложување на пописот не е опција. Надлежните велат дека изработиле квалитетни протоколи но не се подготвени да ја понесат одговорноста доколку поради пописот имаме нов ковид бран и значително голем број на починати.

И покрај проблемите, од Државниот завод за статистика велат дека успеале да обезбедат доволен број на попишувачи. Имајќи ги предвид се погласните повици за бојкот, ДЗС се уште нема став колку врати треба да останат затворени за пописот да биде прогласен за неважечки. Велат, пописот е обврска, а кој нема да се попише ќе биде казнет.

Во моментов тече пописот на македонските граѓани во дијаспората. Само во последните 24 часа се попишале 20.000 граѓани а од почетокот на процесот над 120.000 ја поминале онлајн процедурата. Најголем дел од нив се попишале во Швајцарија, Германија и Италија.