Македонија
19. May 2019 - 16:19

Србија го комплетираше Коридорот 10, за 3 до 4 часа од Скопје до Белград

Отворен е автопатот кај Грделичката клисура во соседна Србија. Со автопатот долг 26 километри се завршува јужниот крак од Коридорот 10. Оваа делница значително ќе го намали патот од Скопје до Белград, па наместо 6, ќе се патува за околу 4 часа.

Според српскиот претседател, Вучиќ, станува збор за еден од најтешките градежни зафати во Европа. Тој посочи дека српските граѓани треба да бидат горди бидејќи со овој автопат земјата подобро ќе се поврзе и со соседите и со Европа.

На отворањето пристуствуваше и македонска делегација, предводена од премиерот Заев кој се обрати на церемонијата. Рече дека го радува секој успех на соседите и им честиташе на српските власти за постигнатото.

-На територијата на Република Северна Македонија тој е комплетиран минатата година кога ја пуштивме во употреба делницата Демир Капија – Смоквица, во должина од  28 километри. Проектот го реализиравме заедно со нашите стратешки партнери – Европската Унија, под слоганот ПОДОБРО ПОВРЗАНИ. Дополнителна додадена вредност на автопатот му даде уште еден заеднички проект на Република Србија и на Република Северна Македонија. Заедно со Претседателот Александар Вучиќ, на граничниот премин Табановце - Прешево го промовиравме проектот за заедничко гранично управување One Stop Shop. Кој верувам дека з многу брз период и официјално ќе биде пуштен во употреба, истакна премиерот Заев.

Иако отворањето на автопатот Демир Капија – Смоквица предизвика бурни реакции кај јавноста поради блех музиката во тунел, српските власти направи уште поголем спектакл. Со гости од соседството, амбасадори, на отворена бина пред најголемиот мост, кој е долг над 521 се одржа церемонија на свечено отворање.