Македонија
20. January 2016 - 16:22

Спроведување на Договорот од Пржино приоритет и на холандското претседателство на ЕУ

Мигрантската криза и безбедноста во Европа, нови работни места и иновации, здрав финансиски систем и областа на климатските промени и енергетските прашања се приоритетите на 6-месечното холандско претседавање со Европската Унија. На презентирањето на програмата од холандскиот Амбасадор, Вилем Ваутер Пломп пред Националниот совет за евроинтеграции, не беше присутна опозициската СДСМ, ниту пак претседателот на Советот Лидија Димова.

Во приоритетите не се наоѓа проширувањето, иако според Пломп, проширувањето и мигрантската криза бараат блиска соработка, а Македонија покажала дека заслужува признание за улогата во справувањето со најголемиот предизвик за Унијата. Пломп потенцира дека неговата земја ќе продолжи со силна поддршка за македонските евроинтеграции, но во истовреме земјава ќе треба да ги исполни сите обврски од договорот од Пржино.

,,Исполнувањето на сите делови од договорот од Пржино е од клучно значење за интеграцијата во ЕУ, бидејќи според ова ќе биде проценет напредокот на Македонија по изборите. И ЕУ нема да се воздржува да ги изрази своите грижи во однос на подготовката за изборите и спроведувањето на кампањата која што ја набљудуваме детално‘‘, изјави амбасадорот Пломп.

Според евроамбасадорот Аиво Орав се уште е рано да се зборува дека договорот од Пржино е мртов. Денот на изборите е фиксиран, но голем дел од точките се имплементираат со задоцнување, рече Орав.

,,Владините партии одлучија да продолжат на изборите на 24. Април и тие веруваат дека можат да се извршат сите нешта. Тоа значи ДИК, веродостојните листи на гласачите и измени во медиумите. Можеби и можат да го сторат тоа, но ние ќе ја ревидираме, ќе ја процениме ситуацијата во рок од неколку недели. Она што е најважно за нас е да се има веродостојни, фер и инклузивни избори. Се надеваме дека следниот извештај од ЕУ, терминот што најчесто се користеше во октомври или ноември уназадување, ќе биде заменет со изразот напредок‘‘, порача Орав.

Евроамбасадорот се надева дека преговорите за членство во Европската Унија, ако не почнат за време на холандското претседателство, тоа ќе се случи во едно од следните две, на Словачка или на Малта.