Македонија
23. September 2020 - 14:07

Спотовите на ВМРО-ДПМНЕ со ликот на Рускоска предизвикале душевна болка кај обвинителката

Двата тв спотови со ликот на Вилма Рускоска кои во текот на кампањата беа емитувани по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ предизвикале, загриженост, анксиозност и душевна болка кај обвинителката. Ова е наведено во вештачењето кое со тужбата против партијата го приложила Рускоска.

На денешното судење, нејзиниот адвокат наведе дека во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ немало критика за нејзиното постапување туку на најгруб начин станувало збор за нејзино бележување дека својата функција не ја извршува законски. Нејзината одбрана наведе дека Рускоска работела повеќе од две децении и надлежните органи како Советот на Јавни обвинители немале забелешка за нејзината работа.

Адвокатот на ВМРО-ДПМНЕ вели спотовите во кои се користел ликот на Рускоска не се клевета туку критика и таа како јавен функционер била должна да докаже дека е наклеветена.

Според адвокатот, станувало збор за значајно прашање од јавен интерес кое очигледно ја налутило обвинителката.

Според тужбата, Рускоска бара ВМРО-ДПМНЕ поради клевета сторена со спотовите во кои таа наводно работи по наредба на СДСМ, да и исплати штета од 10 илјади евра.

 

Зоран Јаневски