Спорт плус
5. May 2021 - 13:35

Спортистите револтирано прашуваат: Зарем ние сме поголеми пренесувачи на Ковид од вработените во маркетите и јавниот превоз

И додека за речиси се останато државната Комисија за спречување на заразни болести во нашата земја ги олабави мерките, очигледно дека едни од нај засегнатите спортистите остануваат изолирани. 
 
Имено Владата ја прифати одлуката на Комисијата за заразни болести, и натаму да има строги протоколи кога во прашање е македонскиот спорт. 
 
 
 
Гужвите во маркетите, автобусите, рестораните, можноста за организација на семинари, обуки, се „помалку критични“ отколку спортските настани - натпревари, е слободно толкување на последната одлука на комисијата која и натаму останува на ставот дека сите спортисти без разлика дали прележале Ковид-19 или се вакцинирани, мораат да прават задолжителни ПЦР тестови пред секој натпревар. 
 
Во ситуација кога сме сведоци на олабавување на мерките и кратење на полицискиот час, логично беше да се очекува да се даде зелено светло за одржување на спортски настани без ПЦР-тестирања, што во голема мерка ќе им ја олесни и онака лошата пред се финансиска состојба на клубовите, а со тоа и федерациите. 
 
Федерациите, клубовите, а пред се спортистите со право се револтирани од ваквата одлука на Комисијата, за која велат дека очилгедно таму не постои човек кој има и најмала претстава што значи спортот, како тој функционира и кои се придобивките од масовност во спортот, пред се на здравствен план на населението. 
 
-Зошто не ги тестираат задолжително и вработените во маркетите и возачите во јавниот превоз, кои се секојдневно во контакт со илјадници граѓани? Зарем тие не се  во поголема опасност од нас?
-Зошто тогаш не се воведат задолжителни тестирања и во работните организации каде има многу повеќе луѓе (десетици - стотици луѓе) отколку на спортските терени?
-Нелогично. Над 90% од нас спортистите прележавме Ковид. Некој порано, некој подоцна, а има и такви кои доскоро беа во изолација. Па нели не можеме да пренесеме инфекција?
-Што ми значи вакцината ако постојано се тестирам? Тогаш немам потреба од неа!
-Кога суетата е поголема од разумноста, се доведуваме во ваква ситуација. Ако постојано не убедуваат дека вакцинацијата е најдобра превензија од коронависусот, и дека ќе не заштити од него, тогаш која е логиката оние што се вакцинирани да се тестираат? 
 
Ова се само дел од бројните прашања и размислувања на спортистите и спортските работници, а на кои Комисијата за заразни болести треба да даде одговор. 
 
За полесно да ги разберат и одговорат овие прашања членовите на Комисијата би требало барем да ги сослушаат аргументите на спортистите застапувани од Агенцијата за млади и спорт.