Македонија
1. October 2015 - 16:34

Спорот за името тема на средбата Кери-Ципрас

Спорот за името на Македонија бил една од темите на синоќешната средба на грчкиот Премиер Алексис Ципрас со американскиот државен секретар Џон Кери. Во штурото соопштение само од кабинетот на Ципрас се вели дека грчкиот Премиер ја подвлекол интенцијата на грчката Влада за решавање на спорот со сложено име со географска одредница за севкупна употреба, како и на потребата од изразување намера и од македонска страна.

Во недостаток од официјално соопшение од Стајт департментот, грчкиот портал ,,Репортер‘‘ додава дека на Ципрас му е соопштено дека САД директно бараат решавање на спорот за името со цел пристапување на Македонија во полноправно членство во НАТО. Според порталот, тоа е стратешка цел на САД и поради тоа не смее да се исклучи активна интервенција на Вашингтон во спорот. Средбата на Ципрас со Кери се случува во момент кога американската администрација го одби барањето на Грција Македонија да се именува со ФИРОМ на лидерскиот самит посветен на борбата против Исламската држава, поради што грчката делегација не учествуваше на средбата.

Инаку грчкиот Премиер за името веќе разговараше и со Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, но детали не беа соопштени.

Премиерот Груевски, пак засега имаше кратка неформала средба со Ципрас на вечерата што во неделата ја организираше американскиот Претседател Обама, на која го поканил грчкиот Премиер на заедничка средба за да изнајдат решение за спорот.

За процесот на решавање на прашањето за името Груевски ќе разговара со Генералниот секретар Бан Ки Мун во петок, откако претходно ќе се обрати на генералното собрание на Светската организација