Македонија
25. January 2016 - 13:12

Според календарот на МПЦ денеска се празнува Светата маченичка Татијана

Светата маченичка Татијана

Римјанка, од угледни родители. Христијанка и ѓакониса на Црквата. По смртта на царот Хелиогабал во Рим царуваше царот Александар, чија мајка Мамеја беше христијанка. Самиот цар беше колеблив и неодлучен во верата; заради ова во дворецот држеше статуа на Христос и статуи на Аполон, на Авраам и на Орфеј. Неговите доглавници ги гонеа христијаните и без царска наредба. Кога ја изведоа девицата Татијана на мачење, таа Му се молеше на Бога за своите мачители. И ете, ним им се отворија очите и видоа околу маченичката четири ангели. Кога го видоа тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа, заради што и самите беа мачени и убиени. Света Татијана продолжија да ја мачат: ја биеја, ѝ отсекуваа месо, ја стружеа со железо и целата накажана и ранета ја фрлија вечерта во затворот за утредента повторно да ја удрат на маки. Но Бог ги испрати Своите ангели во затворот за да ја охрабрат и да ѝ ги исцелат раните, па Татијана изутрина се јави пред мачителите наполно здрава. Ја фрлија пред лав, но лавот се умилкуваше околу неа и воопшто не ѝ наштети. Ѝ ја отсекоа косата, мислејќи според нивниот незнабожечки ум дека во косата ѝ е скриена некоја магија или волшебна сила. Најпосле ја изведоа заедно со татко ѝ и обајцата ги убија со меч. Така во 225 година го заврши животот оваа славна девица со тело на жена, а дух мажествен.

Светиот маченик Петар Авесаламит

Родум од Елефтеропол во Палестина. На младост пострада за верата во Христа, во времето на царот Максимин, во 311 година. После многу маки го осудија на смрт. Кога ја сослуша смртната пресуда радосно возвикна: „Тоа е мојата единствена желба, да умрам за Христа!“ Го распнаа на крст и како и Самиот Господ издивна на крстот.

Празник на иконата „Млекопитателница“

Така се вика иконата на Пресвета Богородица којашто Св. Сава Српски ја донесе од манастирот на Св. Сава Осветен кај Ерусалим и ја положи во неговата Посница на Кареја на Света Гора. Вака се исполни пророштвото на Св. Сава Осветен изречено осумстотини години претходно, дека ќе дојде некој свештеник српски Сава и дека таа икона и неговиот жезол треба да му ги предадат нему. Кога тој ја посетил обителта на Св. Сава Осветен, монасите се сетиле на ова пророштво на основачот на својата обител и му ги предале иконата и жезолот. Оваа икона е поставена на десната страна од царските двери во Посница, а жезолот во една келија наречена Патерица, на Кареја.

Преподобната мајка Теодора

Славна монахиња и наставничка на монахињи од Александрија. „Како што на дрвјата им се потребни зимата и снегот за да донесат род така и на нашиот живот му се потребни маките и искушенијата“, говореше оваа света жена. Се упокои мирно во почетокот на 5 век.

Преподобна Теодора Александриска

Од Александрија, жена на млад маж. Наговорена од некоја бајачка, таа изврши прељуба со друг човек. И веднаш совеста почна луто да ја гризе. Си ја исече косата и се облече во машка облека, па стапи во машкиот манастир Октодекат под машкото име Теодор. Нејзиниот труд, пост, бдеење, понизноста и плачното покајание ги восхитуваа сите браќа. Наклеветена од некоја блудна девица дека е од неа обесчестена и забременила, Теодора не сакаше да се оправдува, сметајќи го тоа како казна Божја за својот поранешен грев. Избркана од манастирот таа седум години помина пребивајќи по шуми и пустини, притоа негувајќи го и детето на онаа блудница. Ги победи сите ѓаволски искушенија: не сакаше да му се поклони на сатаната, не сакаше да прими јадење од рацете на еден војник, не сакаше да ги слуша советите на мажот ѝ да му се врати - зашто сето тоа беше само ѓаволски привид и штом Теодора ќе се прекрстеше со крстот, с ѐ исчезнуваше како чад. По седум години игуменот ја прими во манастирот, каде што проживеа уште две години, па се упокои во Господ. Дури тогаш дознаа монасите дека е жена, а на игуменот му се јави ангел и с ѐ му објасни. Нејзиниот маж тогаш дојде на погреб и до смртта остана во келијата на својата некогашна жена. Света Теодора имаше голема Божја благодат: скротуваше ѕверови, исцелуваше болести, изведе вода во сув бунар. Така ја прослави Бог вистинската покајничка којашто долготрпеливо се каеше девет години за само еден грев. Се упокои во 490 година.