Македонија
27. March 2018 - 16:23

Спировски: Иванов мора да го потпише законот за јазици, но и никој не може тоа да го стори во негово име

Претседателот е должен да го потпише указот за законот за јазици, но без неговиот потпис неможе да се објави во “Службен весник“ и да стапи на сила, смета поранешниот судија на Уставниот суд Игор Спировски.

-  Мислам дека никој не може да го замени потписот на претседателот на Републиката на указот. Во праксата на Уставниот суд своевремено имаше еден таков случај.Тоа значи, дека без неговиот потпис законот не може да се објави и да влезе во сила иако е донесен, изјави Игор Спировски, поранешен судија во Уставниот суд.

Според Спировски ако шефот на државата не го потпише указот правно останува опцијата за импичмент на претседателот, независно дали има или нема мнозинство за тоа во собранието.

- Деновиве гледам една идеја, покрај овие идеи дека треба импичмент за претседателот итн, што неспорно е дека е негова одговорност за неспроведување на негова уставна должност. Меѓутоа, сега гледам дека и алтернативи доаѓаат, на пример да се поднесе иницијатива до Уставниот суд или предлог за решавање на судија на надлежност. Мислам дека таа идеја не е добра и е лоша затоа што прави замена на тези, би му дал право на Уставниот суд да се впушта евентуално во расправа за тоа дали претседателот на државата навистина има добри причини да не го потпишува указот иако според Уставот е должен. Ние немаме во случајов судир на надлежност, Собранието како надлежно го донела законот, претседателот на државата е надлежен за промулгација, тој тоа не го прави. Според тоа, не постои судир, туку има прашање зошто претседателот на државата не го потпишува указот, вели Спировски.

Од ВМРО ДПМНЕ и денеска посочија дека објавувањето во Службен весник на законот за јазици без потпис на претседателот не е легално ниту легитимно и сноси политички и правни последици.

-Тука пред просториите на Службениот весник на Република Македонија уште еднаш предупредуваме дека незаконското објавување на законот се смета за Злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Од опозицијата потенцираа дека ваквото дело не застарува, а незаконското објавување во “Службен весник” предвидува затворска казна од најмалку 5 години.