Македонија
10. December 2018 - 16:26

Специјализантите по стоматологија останаа извисени

Повеќе од два месеци специјализантите по стоматологија ја чекаат ветената плата. И покрај тврдењето на министерот Филипче дека во октомври ќе им бидат префрлени пари за нивниот ангажман на Клинички, до денеска на нивните сметки немаат добиено ниту денар. Во меѓувреме од стоматологија им поделиле само картички за вчитување кога доаѓаат и си одат од работа. 40-тина специјализанти денеска уште еднаш јавно реагираа на како што велат манипулациите и префрлањето на топката меѓу институциите.

-Доаѓаме и прва и втора смена на работа. Имаме и дополнителни патни трошоци. Некои од нас доаѓаат и од други градови. Изреволтирани сме од односот на министерствата, на сите субјекти бидејќи не третираат како деца, а ние сме возраст. Си играат играчки со нас. Немаме информација го каде се договорите и реализацијата на ветеното. Ова е последна шанса да се разбереме со надлежните институции, а потоа дополнително ќе известиме за нашите натамошни чекори кои верувам дека би требало да бидат малку порадикални, изјави д-р Милан Ацевски, специјализант по стоматологија.

Од министерството за здравство и денеска ветија дека специјализантите стоматолози ретроградно ќе бидат исплатени за нивниот труд, но не кажаа кога ќе ги добијат парите.

-Обезбеден е Буџет за исплата на стоматолозите специјализанти и средствата се префрлени на Универзитетската клиника за стоматологија, стои во одговорот од МЗ.

Инаку овие стоматолози приватно си го плаќаат школувањето кое во зависност од специјалноста изнесува од 3 до 5000 евра. И тие по примерот на нивните колеги медицинари летото го кренаа гласот и побараа месечен надоместок за ангажманот на Клинички.