Македонија
15. August 2018 - 16:30

Специјализантите бараат одговор од Заев како да ја градат иднината во Македонија без финансиска поддршка

Три месеци приватните специјализанти ја чекаат ветената плата. Преку отворено писмо до Премиерот си ги побараа заработените пари. Иако министерот Филипче уште во мај, а месец дена подоцна и Заев рекоа дека и докторите кои почнале со приватна специјализација на јануарскиот конкурс ќе бидат плаќани за трудот на клиниките, на нивните сметки сеуште немаат добиено ниту денар.

-Го бараме истиот надоместок месечно што ни го ветија исто како нашите колеги приватни специјализанти, а тоа е околу 26.000 денари месечно,и ние работиме и дежураме како и другите доктори,  изјави д-р Симона Сапунџија, специјализант на Клиниката за уво, нос и грло.

Стотина приватни специјализанти бараат од премиерот да го исполни ветеното, зошто за 2 недели ги очекуваат дополнителни трошоци од  околу 1000 евра за да го запишат новиот семестар. Во спротивно потенцираат дека се принудени да си бараат работа во странство.

-Денес миграцијата е се полесна. Младите лекари паралелно учат и германски јазик. Младите не бегаат од државата, младите се принудени да си одат, потенцираше д-р Сапунџија.

Од минситерството за здравство доцна попладнево испратија информација со ново ветување. Со помош на Владата обезбедиле средства за плата на приватните специјализанти, но не кажаа кога младите доктори ќе ги добијат парите.

-Потенцираме дека средствата на специјализантите ќе бидат исплатени ретроактивно односно од моментот кога министерството се заложи и вети дека ќе ја започне исплатата, поточно од месец јуни 2018 год. Исплатата ќе започне веднаш штом се завршат процедурите помеѓу ФЗОМ и Клиниките на кои специјализираат приватните специјализанти, односно во најбрз можен рок, се вели во соопштението од министерството за здравство.