Македонија
27. December 2017 - 16:15

Специјален суд за полициска бруталност

Специјализирано судско одделение да им суди на службеници кои со својата работа се грижат за безбедноста или работат на откривање криминал предвидуваат измените во законот за судови.

Целта на одделението е да постапува по предмети во кои службеникот употребил прекумерна сила при својата работа или тоа го сторил надвор од работното време.. Според предложениот закон, специјализираното одделение ќе работи во Основниот суд Скопје 1, и ќе биде надлежно за целата држава.

„Законот има за цел да овозможи воведување на ефикасна контрола над работата на полицијата преку Специјализираното судско одделение надлежно за судење кривични предмети сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, се вели во законското образложение..

Измените во законот за судови синоќа го помина владиниот филтер, а за неговото донесување ќе одлучува Собранието.. Засега од Владата не откриваат дали новото специјализирано судско одделение ќе постапува по предмети отворени пред донесувањето на законот..

Инаку во образложението за формирање на Специјализирано судско одделение, се наведува дека тоа се прави по препорака на Европскиот комитет за човекови права и за превенција од тортура бидејќи е утврдено дека властите не спроведуваат ефикасна истрага во случаите на полициска бруталност..